Пакување на производот

Со зголемување на понудата на производите на меѓународниот пазар, на купувачите им се овозможува голем избор, па во борба за освојување на меѓународните купувачи, компаниите влегуваат и со соодветно дизајнирање и пакувања на производите.

Застарувањето на производот често се должи на застарување на дизајнот.

Со добриот дизајн, производот добива повеќе на атрактивност отколку на квалитет. Со квалитетно дизајнирање може да се подобри естетската вредност на производот. Може да се олесни и поевтини производство. Да се олесни пакувањето, транспортот и чувањето во магацините и во продажните објекти. За потребите на дизајнирањето често се ангажираат дизајнерски куќи, но и уметници кои можат да работат самостојно. Најчесто во рамки на компанија се организира работење на дизајнерите, за да може компанијата да има комплетен увид и контрола во дизајнерската работа, како и да спречи одлив на информации.

Пакувањето мора да задоволи повеќе цели. Треба да се користи за привлекување на внимание на купувачите со својот изглед или атрактивност. Преку соодветно пакување треба лесно да може да се дознае за внатрешната содржина, да може лесно да се отвара и затвара. Да биде со соодветна големина за да може непречено да се смести на продажните пунктови. На пакувањето треба лесно да се читаат натписите и упаствата.

Ознаките на производот мора да содржат:

  • Име на производот
  • Име на призведувачот или дистрибутерот
  • Опис на составот и начин на користење и рокот на траење на производот
  • Тежина во бруто или нето износ
  • Земја на потекло

Потребно е да се води сметка и за обележување на мерните единици. Иако постои меѓународен систем на мерни единици сепак функционираат и други мерни единици. Особено во англиската доминантна зона паралелно функционираат други мерни единици (Пример: литар-галон и слично), па доколку се процени дека тоа е неопходно на пакувањето може да се истакнат и двете мерни единици.

Пакувањето треба физички да го заштитува производот од механички оштетувања и растурање при далечни и тешки транспорти, што е честа појава во меѓународното работење бидејќи транспортните патишта во различни земји се со различни нивоа на квалитет.

Пакувањето треба да го чува производот од расипување при долг престој на производот во магацините или во продажните објекти. Одредени пакувања имаат за цел да го заштитат производот од неповолни климатски услови, како од високи така и од ниски температури, влага, песок и слично. При тоа треба да се води сметка, пакувањето да биде економично, односно да не биде скапо, а со развојот на еколошката свест пакувањето не смее да ја загрозува животната и работната околина, а треба да постои можност по употребата пакувањето да може да се рециклира.

Пакувањата од страна на купувачите подоцна можат да добијат и други употребни вредности. Пример: во пакувањата од сокови може подоцна да се чуваат млеко, алкохол и слично. Во кутии и гајби може да се чува и транспортира и друга стока, што претставува дополнителна корист за купувачите.

Како всушност пакувањето влијае врз продажбата?

Доколку рационалнo пристапиме во одговорот на ова прашање,  тогаш грамажата и литражата е првиот фактор при елиминација на одреден производ. Кога купувачот сака да пазари сок, важно е дали го купува за да ја задоволи својата моментална жед или пак со него ќе ги послужи гостите поканети на вечера во својот дом. Функционалната вредност на амбалажата е вториот логички елиминационен фактор. Со производот мора лесно да се ракува, лесно да се складира и кај некои, мора да биде соодветен за повторна употреба. Понатаму доаѓаме до деталите за содржината, потеклото и трајноста на производот, детали кои на купувачот му овозможуваат објективни информации. Името на производот би се нашло на четвртото место и сосема на крај би се појавиле визуелните елементи кои му даваат визуелен идентитет на производот.

За жал или за среќа, купувачот не го следи стриктно редоследот на овие рационални фактори. Производот секојдневно се среќава со најразлични купувачи кои различно ги приоретизираат своите потреби, меѓутоа она што со сигурност може да предвидиме е дека скоро 60% од испазарените производи од страна на купувачите се непланирани т.е. направени  импулсно. Според одредени истражувања, токму атрактивноста на пакувањата е во најголема мера одговорна за овој вид пакувања.

Напишете коментар