ИНТЕЛЕКТУАЛНА СОПСТВЕНОСТ

Интелектуална сопственост е термин кој што вклучува повеќе различни типови на умствена активност за кои што се признаваат посебни права и за кои што постојат посебни различни законски рамки. Иако овие права не се права на сопственост, сепак зборот сопственост се користи поради некои сличности. Сопствениците во оваа смисла добиваат ексклузивни права на различни нематеријални добра како што се музиката, литературата, пронајдоците и др. Законите во Р. Македонија од оваа област ги вклучуваат законот за индустриска сопственост, законот за авторско право и сродните права, а во други јурисдикции постојат и други закони.

Креациите на човечкиот ум, односно интелект, се објект (предмет) на заштита на интелектуална сопственост. Интелектуалната сопственост, гледано најсеопфатно, ги претставува правата кои произлегуваат од интелектуалните активности во индустријата, науката, литературата и уметноста. Истовремено, може да се каже дека интелектуалната сопственост се однесува на информација или на делови од информација кои се инкорпорираат во одредени предмети, во исто време во неограничен број копии на разни места во светот.

Интелектуалната сопственост, вообичаено, се дели на две големи групи, и тоа:

  1. Индустриска сопственост
  2. Авторско право и сродни (соседски) права

 Индустриска сопственост

Карактеристично за сите овие права од индустриска сопственост е што тие можат да се групираат во две групи. Во првата група спаѓаат оние кои се правно заштитени, односно се регистрираат, и тоа: патент, корисен модел, индустриски дизајн, трговска марка, ознака на потеклото на производ и географска ознака, топографија на интегрално коло и домен име. Во втората група спаѓаат оние кои не се регистрираат, и тоа: трговска (деловна) тајна, односно неоткриена информација и know-how. Овие се штитат само преку правилата за заштита од дејства на нелојална конкуренција.

Патент е уверение за интелектуална сопственост што државата му го дава на еден пронаоѓач кое му гарантира исклучиви права на пронајдокот со негово објавување во јавноста.

Трговската марка или бренд претставува знак, симбол, име, број преку кој претпријатијата ги означуваат своите производи. Исто така е асоцијација што се поврзува со одредена услуга, личност или производ. Денес брендирањето е многу важен дел од културата, економијата и личната философија.

Авторско право

Терминот авторско право потекнува од латинскиот збор auctor, што во класичниот латински јазик значел создавач, множител, творец, основач, втемелувач, зачетник и др. Авторското право се однесува на уметничките креации, односно на делата кои, по правило, се оригинални интелектуални креации во литературата, науката и уметноста. Всушност, сите национални закони за авторско право обезбедуваат заштита на: литературни творби; музички творби; уметнички творби; карти и технички цртежи; фотографски дела; кинематографски дела и компјутерски програми. Како, сродни права се сметаат правата на уметниците-изведувачи над своите изведби и правата на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на РТВ организациитеи на издавачите на нивните фонограми, видеограми, сценски дела, емисии или изданија и сл.

Поимот „авторско право“ има повеќе значења: авторско право во објективна смисла; авторско право во субјективна смисла; како правна наука и како правна практика. Во објективна смисла авторксото право може да се дефинира како збир на правни правила коишто ги нормираат општествените односи во поглед на интелектуалните творби во областа на книжевноста, науката и уметноста. Авторското право во субјективна смисла може да се дефинира како право на авторот (творецот) на конкретно авторско дело во областа на науката, книжевноста и уметноста, во однос на неговата творба призната со објективното право.

Видови на авторски дела

Тргнувајќи од категоризацијата на авторски дела од член 2 став 1 од Бернската конвенција, македонскиот законодавец во член 3 став 2 од ЗАПСП направил соодветна категоризација на авторските дела. ЗАПСП како авторски дела ги смета особено:

  • пишано дело, како книжевно дело, напис, статија, прирачник, брошура, научен труд, расправа и слично;
  • компјутерска програма, како книжевно дело;
  • говорно дело, како говор, беседа, предавање и слично;
  • музичко дело, со или без текст;
  • драмско, драмско-музичко и куклено дело;
  • кореографско и пантомимичарско дело, фиксирано на материјална подлога;
  • форографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската;
  • кинематографско и друго аудиовизуелно дело;
  • ликовно дело, како слика, графика, скулптура и слично;
  • архитектонско дело;
  • дело од применетата уметност и дизајнот и
  • картографско дело, план, скица, технички цртеж, проект, табела, пластично дело и друго дело со ист или сличен карактер од областа на географијата, топографијата, архитектурата или друга научна, образовна, техничка или уметничка природа.

Истовремено како самостојно авторско дело заштитени се и преработките на авторските дела и на делата од народното творештво, збирките на авторски дела и дела од народното творештво и базите на податоци.

 

Преработено од : http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%98%D0%BD%D1%82%D0%B5%D0%BB%D0%B5%D0%BA%D1%82%D1%83%D0%B0%D0%BB%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%BE%D0%BF%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%B5%D0%BD%D0%BE%D1%81%D1%82

Напишете коментар